Јапонска амбасада во Скопје- зацврстување на билатералните односи
Со церемонијата „Кагами бираки“- кршење на буре со саќе како симбол на хармонијата и среќата, во Скопје отворена Амбасадата на Јапонија. Претставниците на Токио рекоа дека сакаат и натаму да ги развиваат пријателските односи со земјава...

Со кршење на буре со саќе- симбол на хармонија и среќа, официјално отворена Амбасада на Јапонија во Скопје. Според јапонските власти дополнителна можност во напорите за зацврстување и унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
„Земајќи ја во предвид важноста на Македонија, која е клучна за стабилноста и просперитетот на Западно- балканскиот регион, решивме да отвориме Амбасада на Јапонија во Скопје. Би сакале и понатаму да ги развиваме пријателските билатерални односи меѓу двете земји. Уверен сум дека постои огромен потенцијал за размена“, посочи Казујуку Накане, државен министер за надворешни работи на Јапонија.
Отворањето на амбасадата е последното камче од мозаикот започнат пред 23 години- посочија од Владата. Со заеднички напори, пријателските односи ќе бидат фокусирани и на економската соработка. Во форма на грантови за здравство, образование и развој на локалните заедници, државава има добиено 272,5 милиони јапонска ппомош, во форма на кредити речиси 97 милиони за инфраструктурни проекти. Јапонија ѝ додели на Македонија и 4,7 милиони евра за справување со бегалската криза.
„Народот во Македонија никогаш нема да ја заборави помошта од јапонскиот народ за земјотресот во 1963-тата, осамостојувањето во 1991-та, или помошта во справување со бегалската криза. Многу сме среќни што пријателска Јапонија го исполни брзото ветување за повратно отворање на амбасада во Македонија“, посочи Арта Точи, заменик- министер за надворешни работи.
Кеико Ханеда е првиот резидентен амбасадор на Јапонија во Македонија.
„Мојот тим се состои од четири лица од Јапонија, и осум локално вработени лица од Македонија. Сите ние сме многу посветени и млади, или барем млади во срцата и би сакале да работиме напорно со сите страни за зацврстување и продлабочување на односите меѓу двете земји“, рече амбасадорот Ханеда.
На свеченоиста, дел од владиниот врв, амбасадори, дипломати, пријатели. Република Македонија и Јапонија воспоставија дипломатски односи во март 1994- тата, Амбасадата во Токио е официјално отворена во мај 2013- та.
Сузана Фиданска- Стоевска
