Царовска реферираше за сработеното во 100 дена

06.09.2017 16:30

Подготвени закони, мерки и решенија од кои бенефит ќе имаат повеќе категории граѓани- министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска реферираше за сработеното во 100 дена. Царовска тврди нема да се градат бегалски кампови, ниту станови за нив. Пензискиот систем е стабилен, пензиите ќе растат според трошоците за живот...

Од октомври, 130 илјади работници ќе добијат минимална плата од 12 илјади денари. Со закон, трајно ќе се решат проблемите на три илјади стечајци, подготвени се измени и во Законот за социјална заштита за лицата со попреченост- министерката Мила Царовска реферираше за сработеното во 100 дена. Најави градење на хуман, праведен и ефикасен систем за социјална заштита. Направена е важна измена, рече Царовска, во оперативниот план за вработување. Обезбедени се дополнителни два милиона евра за активни мерки за вработување, во фокусот се млади лица до 29 години. Вели, пензискиот систем во земјава е стабилен, пензиите ќе растат според растот на платите и на трошоците за живот.

Од први септември стартуваше двосменското работење во 13 градинки, а 20 работат и во саботите, вели ресорниот министер. Царовска потенцира дека онаму кадешто има потреба ќе се воведе втора смена, но генерално вели, недостига стручен кадар.

Во јавноста изминатите денови, актуелна е стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017- 2027 година. Царовска тврди дека опозициската ВМРО- ДПМНЕ пласира лажни вести. Во Македонија ниту се градат, ниту ќе се градат станови за бегалци.

 

Андријана Атанасовска