Заев- Накане: Поддршка од Јапонија за новата Влада и реформските процеси

07.09.2017 14:03

Премиерот Заев, денеска се сретна со Казујуки Накане, државен министер за надворешни работи на Јапонија, придружуван од јапонска делегација и од амбасадорката на Јапонија во Република Македонија, Кеико Ханеда...

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Казујуки Накане, државен министер за надворешни работи на Јапонија, придружуван од јапонска делегација и од амбасадорката на Јапонија во Република Македонија, Кеико Ханеда, соопшти владината прес- служба.

„Јапонија ги поддржува отворените реформски процеси во Македонија и интеграциите на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Јапонија е заинтересирана за безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и е подготвена на да ги поддржи потребните процеси во овие цели“, соопшти јапонскиот министер за надворешни работи, Накане.

Како што стои во соопштението, на средбата се разговарало за отворените можности за продлабочување на економската соработка на Република Македонија со Јапонија и за потенцијални инвестиции од Јапонија во Македонија. Накане оценил дека постои позитивна клима во Македонија за интензивирање на економската соработка.

„Отворени сме за соработка со Јапонија на секое ниво. Република Македонија е добра дестинација за инвестирање. Владата е ориентирана кон поддршка на бизнисите затоа што нашата цел е отворање нови работни места и квалитетен живот за граѓаните“, рече премиерот Заев.

На состанокот е потенцирана политичката волја од двете држави за меѓусебна принципиелна поддршка во меѓународните организации, а се разговараше и за интензивирање на парламентарната соработка помеѓу Република Македонија и Јапонија.