КСС бара зголемување на платите во јавниот сектор

07.09.2017 14:34

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) бара зголемување на платите во јавниот сектор за 19 насто и подобрување на условите за работа. Економско- социјалниот совет не работи на решавање на проблемите бидејќи во него присуствуваат и нерепрезентативни синдикати.

Конфедерацијата на слободните синдикати повторно реагираат на, како што велат, лошата состојбата во Економско- социјалниот совет. Советот се обезвреднува, се крши деловникот, не се почитуваат работните односи, учествуваат нерепрезентативни синдикати, вели претседателот Благоја Ралповски.

„И покрај нашите реакции, повторно се прави обид за подметнување записници од неодржани седници без кворум, и истите се испраќаат во понатамошна процедура, со што повторно се кршат законите во Република Македонија“, изјави Ралповски.  

Конфедерацијата на слободните синдикати бара зголемување на платите во јавниот сектор за 19 проценти, согласно покачувањето на минималната плата. Сметаат дека минималната плата се носи со непочитување на процедурата, според која и Економско- социјалниот совет треба да даде свое мислење.

„Распонот на платите по коефициенти и по работни места мора да остане ист како и досега. Или, ако сегашната минимална плата од 10.050 денари се предвидува да биде 12.000 денари, значи тоа е покачување за некаде околу 19 проценти. За толку проценти треба да се усогласат колективните договори во јавната администрација“, смета Јаким Неделков од СОНК.

Од конфедерацијата предупредуваат дека доколку се продолжи на истиот начин да се носат одлуките, ќе се преземат синдикални радикални мерки.

 

Дијана Ценевска