Чинот на знамето- завет за наредните генерации

07.09.2017 15:18

Кревање на националниот симбол, знамето на Република Македонија во пресрет на утрешниот државен празник пред децата од неколку основни училишта во земјава. Традицијата продолжува пред Кабинетот на шефот на државата. Иванов им се обрати на генерациите кои доаѓаат- „Да живееме во стабилна држава во која што ќе ги остварите вашите стремежи“...

Пред 26 години на 8-ми септември го остваривме нашиот вековен стремеж за слободна и независна држава. 26 години вложуваме во нашата татковина во безбедноста и во сигурноста на нашите граѓани. Ја негуваме традицијата на соживот и на почитување на различностите. Чувањето на независноста е наша обврска, без оглед што носи времето. Кревање на националниот симбол, знамето пред децата, македонската иднина од неколку училишта во земјава.

„Независноста е наша обврска, без оглед што носи времето. Успеавме да поминеме многу предизвици, и ќе има многу предизвици. Но, и нив само сплотени ќе ги надминеме. За иднината на нашите поколенија, додаде македонскиот претседател, мора да ја направиме Македонија економски силна, напредна и успешна држава. - Македонија членка на ЕУ и НАТО. Држава во која младите ќе можат да ги реализираат своите стремежи и да ги остварат своите соништа. Држава во која младите ќе можат да добијат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства и да имаат потомство“, рече претседателот Иванов.

Пред нашата иднина, претседателот порача- заедно да носиме нови знаења, нови технологии и нови инвестиции во Македонија. Ова може да го оствариме само со единство. Чинот на знамето е исклучителен пример за децата, врежан во нивното паметење, за да вроди чувство за почитување на сопствената држава.

Насмеани лица, исполнети срца со среќа, со заменцата в рака го честитаа празникот на независноста и сувереноста на нашата држава, Република Македонија.

Наташа Гркова- Петрушевска