Зелено светло за Законот за јазиците во Комисијата за европски прашања

07.09.2017 16:03

Во собраниската Комисија за европски прашања заврши дебатата по предлог законот за употреба на јазиците. Мнозинството даде зелено светло. Од ВМРО-ДПМНЕ со остра реакција. Сметаат дека предлог- законот не само што е противуставен, туку тој се потсмева со Уставот и со Рамковниот договор. Во знак на протест не гласаа. Предложениот текст на пленарна седница е на 13-ти месецов...

Ова беше епилогот од тридневната дебата на комисијата за европски прашања по предлог- законот за употреба на јазиците. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше. Предлогот не само што е противуставен, туку се потсмева на Уставот и на Охридскиот договор. Има Тиранска платформа, ќе има двојазичност, остро реагираше Илија Димовски. Додаде дека слободата на говор се обезбедува со казни. Овој предлог- закон е различен од постојните донесени во 2001-та и во 2008-та. Цитирајќи ги членовите од предложениот текст, потенцира дека се проширува употребата на албанскиот јазик на целата територија на државата.

Се крева прашина во погрешен правец, се извртува вистината, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Тунтев. Нападите од опозицијата, како што додаде со лични навреди, се за политички цели. Предлог- законот е само имплементација на Амандманот 5 од Уставот, а познавањето повеќе јазици е богатство, смета Тунтев.

Партиите од албанскиот политички блок со став- иако се унапредуваат правата, тоа не значи официјализација на албанскиот јазик. Сепак, сметаат дека и натаму целосно не се решава неговиот статус.

Предлог- законот за употреба на јазиците на пленарна седница е на 13-ти месецов.

 

Милчо Велески