Ирма се намали на трета категорија, Мајами поплавен
Националниот центар за урагани соопшти дека ветерот достигнал брзина од 195 километри на час.

Ураганот Ирма ослабна на категорија три кога го погоди јужниот дел на Флорида, каде ги поплави улиците на Мајами и остави околу 1,8 милиони домови и фирми без електрична енергија.
Националниот центар за урагани соопшти дека ветерот достигнал брзина од 195 километри на час.
Во финансискиот округ на Мајами има околу 60 сантиметри вода, а една од главните улици изгледа како река.
Националниот центар за урагани предупредува дека градовите Нејплс и Марко Ајланд можат да бидат погодени од силни ветрови во следните неколку часови. Поголема опасност од силните ветрови е порастот на нивото на морето, што може да ги поплави крајбрежните градови.
Издадено е итно предупредување за жителите на северозападниот дел на Флорида, каде нивото на морето може да се зголеми од три до четири метри.
Регистрирани се и неколку торнада.
Во налетот на ураганот Ирма загинаа вкупно 30 луѓе, од кои три лица во Флорида.
