САД: 16 години од терористичките напади на 11-ти септември

11.09.2017 07:53

Во нападите загинаа вкупно 2.998 лица, од кои 2.603 во Светскиот трговски центар, 246 патници во киднапираните авиони, 125 во Пентагон и уште 24 лица се водат како исчезнати. Во овој збир не се вклучени и загинатите 19 терористи.

САД денеска одбележуваат 16 години од стравичните координирани терористички напади, кои на 11 септември 2001 година го шокираа целиот свет.

Во нападите загинаа вкупно 2.998 лица, од кои 2.603 во Светскиот трговски центар, 246 патници во киднапираните авиони, 125 во Пентагон и уште 24 лица се водат како исчезнати. Во овој збир не се вклучени и загинатите 19 терористи.

Нападите во 2001 година ги извршија припадници на терористичката група Ал Каеда, а тој трагичен настан го означи почетокот на американската и западната глобална кампања против тероризмот, која резултираше со војните во Авганистан и во Ирак, со отворање на затворот во Гвантанамо, јакнење на безбедносите мерки и агенции на сметка на човековите права, со зголемување на воениот буџет.

Војната против тероризмот се уште трае, но Ал Каеда, чиј лидер Осама бин Ладен е убиен, ја заменија нејзините ограноци и Исламска држава, против кои се водат борби на Блискиот Исток, во Сирија и во Ирак, додека на мета на терористите се почесто се европските престолнини.

Во САД одбележувањето на годишнините традиционално се одржува во Националниот меморијален центар, кој се наоѓа на местото на некогашниот Светски трговски центар, каде се урнати кулите близначки.