Поплави во Џексонвил, без струја две третини од домовите
Страшни поплави во Џексонвил, Флорида. По налетот на ураганот „Ирма“, без струја останаа две третини од домовите. По Џорџија, тропската бура се движи кон Јужна Каролина. Во минатата недела на Карибите загинаа 37 луѓе. На архипелагот му се заканува нов ураган...

Екипите во Мајами се на терен. Се расчистуваат остатоците од разорната „Ирма“ која стигна на Флорида за време на викендот. Движејќи се кон север, ураганот ослабна до тропска бура, но прогнозите сѐ уште се опасни. На Флорида се пријавени четири смртни случаи.
„Можеше да биде полошо од ова што го доживеавме. Имавме среќа.“
„Бевме загрижени. Не знаевме што да очекуваме. Најзагрижени сме што ќе имаме многу повеќе повредени по бурата.“
„Од горе забележав дека сме имале среќа, можеше да биде полошо“- велат жители на Мајами.
Крајбрежниот град Џексонвил е претворен во езеро. Населението е евакуирано поради рекордните поплави, а наредба за итна евакуација е издадена и поради надоаѓањето на плимата. Граѓаните ставаат бели предмети пред домовите за да бидат забележани од спасувачките екипи.
Од Флорида, „Ирма“ премина и во Џорџија каде што настрада едно лице. Следна дестинација е Јужна Каролина.
Пред да стигне на копното на САД, ураганот кој беше во петта категорија опсутоши голем дел од Карипскиот архипелаг, оставајќи зад себе многу жртви и повредени.
„Нашиот врховен командант Кастро не научи да бидеме обединети, да бидеме со народот. Ова е народот“.
„Готвам на оган со дрва, или што и да најдам зашто колку и да се подготвувам, ништо не трае повеќе од три дена. Тешко е.“
Карипските острови се изложени и опасност од урагханот Хозе, којшто се движи над западниот дел од Атлантикот.
Маја Филдишев
