Јавна седница во Врховен суд за случајот „Монструм“
Во случајот, пред Врховниот суд постапува обвинителката Лилјана Спасовска, која неодамна беше назначена за вршител на должноста Јавен обвинител на местото на разрешениот Марко Зврлевски...

По неколкукратно одложување, во Врховниот суд треба да се одржи јавна седница за да се разгледаат жалбите на обвинетите за доживотните затворски казни за случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство кај Смилковско Езеро.
Пресудите им ги изрече Основниот суд, а ги потврди и Апелација. Во случајот, пред Врховниот суд постапува обвинителката Лилјана Спасовска, која неодамна беше назначена за вршител на должноста Јавен обвинител на местото на разрешениот Марко Зврлевски.
На една од претходно закажаните јавни седници, таа побара од Врховниот суд прво да ги обезбеди доказите што ги има Специјалното јавно обвинителство за случајот „Монструм“, па потоа да се закаже седница.
Врховен треба да ги разгледа жалбите и да пресече, дали ќе ги одбие или ќе ги прифати.
Претходно, во истиот ден и во истата сала беше закажано и судењето за „Диво насеље“, но е презакажано за в четврток, со завршниот збор на одбраната.
