МАНУ: Потребна е стручна и научна дебата за Законот за јазиците
Пратениците треба да иницираат конструктивна дебата, заснована врз принципите на отвореност, толерантност, заемно уважување и избегнување секаков вид ултиматуми, сеедно од која страна тие и да доаѓаат, велат академиците.

Пред усвојувањето на Предлог- законот за употреба на јазиците во Собранието е потребна стручна и научна расправа, со учество на лингвисти, правници, социолози, смета Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Со тоа ќе се придонесе подобро да се разберат предложените решенија, да се расчистат одделни недоречености што можат да создаваат проблеми при примената на Законот во праксата, да се разјаснат одредени различни толкувања, стои во соопштението.
Пратениците треба да иницираат конструктивна дебата, заснована врз принципите на отвореност, толерантност, заемно уважување и избегнување секаков вид ултиматуми, сеедно од која страна тие и да доаѓаат, велат академиците.
Легитимни се инсистирањата на заедниците за унапредување на нивните јазични права, но, и тие мора да покажат разбирање, толерантност и респект за македонскиот јазик, како јазик на мнозинскиот народ, и за неговата интегративна, обединувачка функција, стои во соопштението од МАНУ.
