Брглез: Словенија безрезервно ја поддржува Македонија за членство во ЕУ и НАТО
Претседателот на словенечкиот Државен збор, Милан Брглез, во посета на Република Македонија. Оствари средба со неговиот домаќин, Талат Џафери. Словенија секогаш ќе ја поддржува Македонија на евроинтеграцискиот пат, нагласи Брглез...

За мали држави како Македонија и Словенија е важно да бидат единствени, и заедно да ги остваруваат целите пред меѓународната заедница, изјави претседателот на словенечкиот Државен збор, Милан Брглез, по средбата со неговиот домаќин Талат Џафери.
„Се радувам и верувам дека со вашето излегување од кризата се гарантира подобра работа на институциите во вашата држава. Како во вашата така и во нашата држава и покрај сите различни ставови за клучните прашања, знаеме да застанеме заедно и да ги решиме“, рече Брглез.
Брглез говореше и пред пратениците во Собранието. Се заблагодари на Македонија за помошта при решавање на мигрантската криза.
Билатералната соработка е добра, но треба да се прошири, особено во делот на парламентарната дипломатија, изјави претседателот на Собранието, Џафери.
Тој се заблагодари за поддршката што Словенија ѝ ја дава на Македонија за влез во НАТО и во ЕУ, но исто така посочи и на потребата за координирано справување со мигрантската криза.
