Брглез- Џафери

Словенија со поддршка за членство на Македонија во ЕУ и НАТО

12.09.2017 15:00

За мали држави како Македонија и Словенија е важно да бидат единствени, и заедно да ги остваруваат целите пред меѓународната заедница, изјави претседателот на словенечкиот Државен збор, Милан Брглез, по средбата со неговиот домаќин Талат Џафери. Билатералната соработка е добра, но треба да се прошири, особено во делот на парламентарната дипломатија, рече претседателот на македонското Собрание.

Словенија и Македонија имаат добри билатерални односи кои можат да се подобруваат во различни сфери, особено во економијата. Ова е заедничката констатација на претседателите на Парламентите на двете земји, Милан Брглез и Талат Џафери. Словенија безрезервно ќе ја подржува Македонија во евроатланските интеграции, иако некои и не се заинтересирани за нашите приоритети, бидејќи сега, клучен е расколот меѓу истокот и западот, рече словенечкиот спикер.

„Се радувам и верувам дека со вашето излегување од кризата се гарантира подобра работа на институциите во вашата држава. Како во вашата, така и во нашата држава и покрај сите различни ставови за клучните прашања знаеме да застанеме заедно и да ги решиме“, рече Брглез.

Словенија е првата држава со која воспоставивме дипломатски односи. Таа е држава пријател со која ќе продолжиме да ги продлабочуваме пријателските односи- истакна Џафери.

„Разговаравме за нашите напори за зачленување во НАТО и во ЕУ. Се заблагодаривме за поддршката што постојано ја даваат на Република Македонија, за нашите напори за полноправно членство во НАТО и во ЕУ, а исто така разговаравме за потребата за координација и соработка за справување со мигрантската криза“, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери.

За клучни прашања од државен интерес мора заеднички да се носат решенијата, констатираше Брглез. Македонија на патот на евроинтеграциите мора да ги спроведе неопходните реформ, посочи претседателот на словенечкиот Државен збор пред пратениците во македонското Собрание.

„Тоа што го направи Македонија за останатите држави на Балканската рута, како и за Европската унија, заслужува целосно признание, а не попречување кое што го чувствува сега“, нагласи Брглез во својот говор пред пратениците.

Според Брглез, заедничко за двете држави е поделеноста на општеството. Вели, иако не е соодветно пред избори да посочам, сепак верувам дека со различно размислување се работи на заеднички добра. Понекогаш може разликите да се предност- рече словенечкиот претседател на Парламентот во законодавниот дом.

 

Миле Ристески