Бејли: Да ги запаметиме оние кои сме ги загубиле, помагајќи им на оние на кои им треба помош

12.09.2017 16:25

„Најдобар начин да ги запаметиме оние кои сме ги загубиле е да им помогнеме на оние на кои сега им треба помош“, изјави американскиот амбасадор во Македонија, Џес Белји на крводарителската акција организирана по повод 16- годишнината од терористичките напади. Се собираа и храна и облека...

„Духот на волонтеризмот се зголеми од 11-ти септември 2001-ва година и тој дух се обидуваме да го пренесеме денеска, тука во Македонија, со одржување на оваа крводарителска и собирна акција“, рече американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли. Потенцира дека ова е најдобар начин да ги запаметиме оние кои сме ги загубиле и да им помогнеме на оние кои во моментот имаат потреба од помош.

Уште еднаш ги артикулираме различностите и ги претвораме во хуманитарни ефекти, рече генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити. Според него, солидарноста едни кон други не прави посплотени и поединствени, токму таа го издигнува човештвото над страдањата, помошта над болката и дијалогот над конфликтите.

Освен во Скопје, крв и облека во рамките на оваа акција можеше да се донираат и во Штип, Битола, Струга и во Тетово.

Националниот ден на служба и сеќавање почна да се одбележува во 2002-ра година во чест на жртвите, преживеаните и сите оние кои помогнаа во справувањето со последиците од нападите на 11-ти септември.

Во 2009-та година, Конгресот на САД усвои сојузен закон со кој го прогласи 11-ти септември за Национален ден на служба и сеќавање.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска