Законот за употреба на јазиците на пленарна седница
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски побара Законот да биде симнат од дневен ред и да се отвори широка дебата пред да се гласа двојазичноста. Барањето не беше прифатено откако за него гласаа 40 пратеници, а 60 беа против.

Законот за употреба на јазиците влезе во Собрание. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски побара да биде симнат од дневен ред и да се отвори широка дебата пред да се гласа двојазичноста.
Димовски го повтори ставот на партијата дека предложениот закон е неуставен, дека ќе ги наруши односите меѓу заедниците, ќе ја продлабочи недовербата, ќе создаде нефункционални институции и ќе доведе до целосна двојазичност во земјата. Предлагам, истакна тој, оваа точка да се повлече од дневен ред, да се отворат јавни расправи по предложеното решение, и преку консензус да се дојде тоа заедничко решение.
Барањето не беше прифатено откако за него гласаа 40 пратеници, а 60 беа против.
Пратеникот Антонијо Милошовски, повикувајќи се на Одлука за формирањето на комисиите од 31-ви мај годинава, рече дека матична комисија за ова законско решение е Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Џафери, пак, појасни дека претседателот на Собранието е тој кој одлучува кое тело ќе биде надлежно за одреден предлог законот, што, како што рече е регулирано со Деловникот за неговата работа.
