Потпишан договор за признавање на возачките дозволи меѓу Македонија и БиХ

13.09.2017 13:34

Освен со БиХ, досега ваков договор Македонија има потпишано со Италија, Шпанија, Албанија, Црна Гора и Србија...

Македонската Влада и Советот на министри на Босна и Херцеговина потпишаа договор за заемно признавање и замена на возачки дозволи издадени од едната и од другата држава. Од македонска страна договорот го потпиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во присуство на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, а од страна на БиХ документот го потпиша министерот за комуникации и транспорт Исмир Јуско.

Министерот Спасовски истакна дека потпишувањето на договорот со БиХ е дел од проектот на Министерството за реципрочно признавање и замена на возачките дозволи.

Веруваме дека овој чекор значително ќе ја подобри соработката меѓу двете држави, имајќи ја предвид блискоста и фактот дека голем број граѓани живеат или транзитираат преку едната или другата држава, рече министерот Спасовски.

Освен со БиХ, досега ваков договор Македонија има потпишано со Италија, Шпанија, Албанија, Црна Гора и Србија, а во тек е процедурата за потпишување на вакви договори со Косово, Турција, Велика Британија и Германија.