Промовирана монографија за Кавадарци

15.02.2014 12:30

Во Кавадарци синоќа беше промовирана најновата фотомонографија за градот од авторите Петре Камчевски, кустос, советник и историчар и Јадран Манчев, компјутерски дизајнер.

Станува збор за издание од 230 страници и речиси исто толку црно-бели фотографии за Кавадарци виден низ објективот на старите фотографи. Почнувајќи од крајот на 19 век, периодот меѓу двете светски војни, Втората светска војна се до крајот од 70-тите години од минатиот век.

Фотографиите  ги изработиле кавадаречаните Андон Димитров  и Трајче Филипов, кои биле печалбари во Америка. Со заработените пари купиле фотографска опрема и ги отвориле првите фотографски студија во Кавадарци. Дел се дело на предвоените фотографи Блажо Мангаров,  Илија Шкартов и Ристо Митрев-Тиката, а дел се по воениот период од Вано Малинков-Ќендо, Бранко Ивановски, Лазар Илиев, Миле Атанасов-Келтан и  Благој Бањански,  првиот значаен уметнички фотограф во Кавадарци. Фотографиите на Бањански  влегоа во антологијата на историјата на уметничката фотографија во Македонија.

- Ни беше  тешко  меѓу повеќе од 8.000 стари историски фотографии да се одлучиме токму за овие, кои се објавени во фотомонографијата. Книгата ќе побуди носталгија кај постарите кавадарчани и ќе ги потсети на времето на нивната младост, кога Кавадарци било мало гратче со пет до шест илјади жители, криви и тесни калдрамисани улици низ кои едвај можеле да се разминат две запрежни коли, без водовод, канализација и електрична енергија, но сепак со посебен шарм и убавина, рече Камчевски.

Промотори на книгата беа публицистот Мишо Китаноски и историчарот Зоран Тодоровски.