САД со забрана за „Касперски“
Руската компанија „Касперски лаб“ во вкрстен оган меѓу Вашингтон и Москва. Белата Куќа нареди бришење на софтверот поради можно влијание од Кремљ. Милијардерот Јуџин Касперски, сопственик на гигантот за кибернетичка безбедност, во 1987 година дипломирал на институт на руската КГБ. ФБИ води истрага за компанијата.

Претседателот на САД, Доналд Трамп им нареди на владините агенции да ги отстранат производите на компанијата „Касперски“ од информатичките системи, потенцирајќи дека постои опасност фирмата за кибернетичка безбедност со седиште во Москва да е под влијание на Кремљ. Во наредните 90 дена мора да ги идентификуваат фрагментите од софтверот, да изготват планови за отстранување и за прекин на нивна употреба, и да почнат да го реализираат планот.
„Постои ризик од влијание на руската влада, независно од тоа дали дејствува сама или соработува со „Касперски“. Ова може да ги загрози информатичките системи на федералните инстутиции, а со тоа директно влијае и врз националната безбедност на САД“, изјави Илејн Дјук, в.д. министер за национална безбедност.
Од компанијата изразија разочарување поради одлуката и ветија дека ќе докажат дека обвинувањата се неосновани. Тврдат дека одамна Русија и САД ги користат како пион во геополитичка игра.
„Соработуваме со руските агенции одговорни за истрага на кибернетички криминал. Тука не се работи за шпионажа. Ние се занимаваме со заштита, а не со напад. Немаме никаков контакт со руските разузнавачки служби“, изјави Јуџин Касперски, сопственик на „Касперски“.
Менаџментот на „Касперски“ тврди дека иако бизнисот со федералните власти во САД е мал, штетата врз нивната репутација е голема.
Маја Филдишев
