Најавена внатрешна ревизија во МЗШВ за доделување на државното земјиште
Во министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се спроведе внатрешна ревизија на седум илјади договори, за да се утврди како се спроведувало доделувањето под закуп на државното земјоделско земјиште. Ќе се чешлаат договорите склучени во 2016-та година, па наназад, а првите резултати се очекувааат до крајот на годинава, појасни министерот Николовски.

Од утре Министерството за земјоделство ќе почне со ревизија на околу 7.000 договори за закуп на земјоделско земјиште направени во изминатите години. Ќе се прави опсежна анализа, почнувајќи од последните договори од 2016-та па наназад.
Првите резултати ќе бидат објавени до крајот на годинава. Според ресорниот министер Николовски ќе треба да се утврди како се спроведувало доделувањето под закуп на државното земјоделско земјиште и дали се почитувале законските прописи. Вели, има индиции за злоупотреби.
„Ќе стане збор за длабинска и опсежна анализа тргнувајќи од договорите склучени во 2016 година па наназад. Ова ќе биде првиот период кој што ќе биде опфатен. Имаме одредени сознанија и индиции за незаконски склучени договори. Тимовите веќе од утре ќе започнат со работа“, изјави министерот Николовски.
Според Николовски, во тек е постапка за судско раскинување на договори за илјадници хектари дадени под закуп поради неплатен надомест. Тимовите на Министерството за земјоделство ќе проверуваат и дали има случаи на деградација на земјиштето.
Според податоците на Агенцијата за катастар за недвижности, земјоделското земјиште во сопственост на државата изнесува 170 илјади хектари од кои под закуп се 100 илјади хектари.
Во наредниот период ќе се преземаат нови мерки, вели Николовски со цел зголемување на искористеноста на обработливите површини.
Дијана Ценевска
