Мерки за вработување

Оперативен план за намалување на невработеноста

14.09.2017 15:45

Министерството за труд и социјална политика со оперативен план ќе ја намалува невработеноста. Обезбедени се 16 милиони евра за активни мерки, со кои треба да бидат опфатени над 40.000 граѓани. 30 проценти од корисниците на мерките треба да бидат млади до 29 години. Огласите за мерките ќе траат до крајот на годинава.

Невработените до 29- годишна возраст, пасивни баратели на работа, лицата со попреченост, компаниите, се опфатени со оперативниот план за вработување, информираа надлежните. За првпат граѓанските организации ќе можат да користат мерки за вработување, а 140 млади невработени лица за „старт ап“ бизниси ќе добијат по 10 илјади евра неповратни средства.

Младите немаат можност да направат кариера во земјава, тоа ја потикнува миграцијата, покажало истражувањето на УНДП. Лани 61,5 проценти од младите лица од 15 до 29 години ја гледале иднината надвор од Македонија.

Заинтересираните за некоја од мерките за вработување ќе можат да аплицираат до крајот на годината. Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот, годинава ќе бидат опфатени над 40.000 граѓани.

Наташа Јанчиќ