Пакет- мерки за економски раст

14.09.2017 16:08

Шест столба за градење успешна економија. Премиерот Заев објави документ за, како што рече, реални шанси за инвестиции и извоз за компаниите. Целта на владината стратегија е наредните четири години, економскиот раст да достигне пет проценти...

Целта на планот за економски раст е да се овозможи просечен раст на БДП од 5% во следните неколку години. Мерките се еднакво насочени и кон странските и домашните инвеститори, креирањето нови работни места, поддршка на извозот како и на малите и на средните фирми, а ќе се поддржуваат само резултати, најави премиерот Зоран Заев.

„Секој домашени странски инвеститор ќе може да избере мени, без да преговара. Транспарентно, новина се резултатите, не само добрата идеа. Ако има резултати ќе има поддршка и во втората година, а во третата ако нема резултати нула поддршка. Мора да има резултати“, изјави премиерот Заев.

Вредноста на пакетот- мерки ќе биде не поголема од досегашната просечна годишна поддршка на инвеститорите, односно триесеттина милиони евра годишно. Постапката ќе биде транспарентна, а секоја компанија ќе го одбере пакетот за кој е заинтересирана и ќе може однапред да го пресмета износот на поддршката за која аплицира. Временската рамка за користење одреден вид поддршка не е лимитиран, апликациите ќе ги прифаќаат и разгледуваат посебни тимови, но ќе бидат потребни ревизорски извештаи како потврда за остварените резултати во работењето.

„Ќе се субвенционираат само новоотворени работни места со плати повисоки за најмалку 50% од просечната плата, односно над 18000 денари и тоа со 10% од нето вредноста на платата ќе биде вратена према инвеститорот. И натаму ќе има пропорционален модел :кој колку поголема плата дава ќе биде субвенциониран до 16%. Со тоа сакаме да ја отвориме спиралата на зголемување на просечната плата во РМ“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Ќе се стимулира отворањето високоплатени работни места и тоа со субвенција од 20%, но само доколку платата е најмалку двојно повисока од просечната. За плата од 45.000 денари ќе се добива субвенција од 9 илјади денари, најави Анѓушев.

Странските компании за секои 10% набавки од домашни фирми во последните 3 години ќе добиваат 1% поддршка, додека трансферот на равојни центри ќе се стимулира со покривање на 20% од платите, како и 30% од вредноста на новонабавената опрема.

За постојните компании предвиден е поврат на 10% од направените инвестиции, доколку имаат пораст на бројот на вработени и на вкупниот приход. Со посебен сет - мерки ќе се поддржуваат малите и средни фирми, како што се: подготвувањето нови модни колекции, изработка на нова амбалажа и дизајн, иновативноста, стручното усовршување на вработените, воведувањето стандарди за квалитет.

Свето Николовски