Подвиг на Кала, злато за Шведска по 54 години
Главната хероина за новата историска олимписка сага е Швеѓанката Шарлот Кала.Во штафетата 4х5 километри направи неверојатен спортски подвиг, обезбедувајќи и на својата земја златен медал во оваа дисциплина по цели 54 години.

Големата натпреварувачка драма започна со последната измена од атрактивната штафета.Финска беше на лидерската позиција со 6 секунди предност пред Германија.Во моментот кога за сите беше извесно дека битката за златото ќе ја бијат Финката Лахтенмаки и Германката Херман почна настапот на третопласираната Швеѓанка Шарлот Кала која имаше навидум недостижен резултатски дефицит од 26 секунди..Со надчовечки напор, километар по километар 26 годишната Кала го ковеше спортскиот подвиг.Невозможната нејзина резултатска мисија се претвори во реалност во последните неколку стотини метри, кога ги стигна Лахтенмаки и Херман! Црпејќи ги последните сили фуриозно, победнички мина низ целта пречекана од вчудоневидените,пресреќни нејзини колешки Ида Ингемарсдотер, Ема Викен и Ана Хааг. Подвигот на Кала е прекрасна приказна за сите времиња, за спортскиот хероизам и за првото шведско злато во Сочи во скијачкото трчање. Финска во завршниот спринт го обезбеди сребрениот медал, Германија беше трета.
