Северна Кореја со нова ракетна проба
Северна Кореја повторно истрела ракета над јапонски остров. Јапонија, Јужна Кореја и САД со осуда за непопустливоста на Пјонгјанг. Советот за безбедност на Обединетите нации на вонреден состанок.

И покрај новиот пакет санкции од Обединетите нации, Северна Кореја продолжува да ја развива и спроведува озлогласената нуклеарна програма која ја држи во неизвесност светската политичка сцена. Најновиот проектил прелета над јапонскиот остров Хокаидо и заврши в море. Овој пат ракетата се движеше на височина од 800 километри и прелета траекторија од 3.700 километри.
Војската на Јужна Кореја, со согласност од претседателот Мун Џе-ин, истрела проектили како одговор на последната проба од северниот сосед. Издадена е наредба за стартување на подготовките за евентуален напад со хемиско и биолошко оружје или со електромагнетен пулс.
Државниот секретар на САД Рекс Тилерсон го префрли товарот врз Кина и Русија, главните економски партнери на Пјонгјанг. Ги повика да покажат нетолеранција за однесувањето на власта на Ким Јонг-ун.
Шефот на НАТО Јенс Столтенберг потенцира дека повторно се прекршени резолуциите на ООН со што се загрозени глобалниот мир и безбедност.
Јапонија го предупреди Ким Јонг-ун.
„Северна Кореја и се спротивстави на намерата на меѓународната заедница за постигнување мирно решение. Јапонија нема да го толерира ова. Меѓународната заедница мора да се обедини и да ги осуди провокациите од Пјонгјанг“, изјави премиерот на Јапонија, Шинзо Абе.
Советот за безбедност на ОН повторно закажа вонредна седница само неколку дена откако усвои нови санкции против Пјонгјанг поради шестата нуклеарна проба на трети септември. Најновите мерки ги ограничија сите увози на нафта и ги забранија извозите на текстил со цел да се лишат севернкорејските власти од горивото и приходите потребни за нуклеарната програма.
Маја Филдишев
