Почна новата академска година

15.09.2017 14:38

„За да ја обезбедите вашата иднина, работете вредно, соработувајте со професорите, посветете им се сериозно на студиите- само така ќе успеете“ им порача ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Јанкуловски на бруцошите на првиот акдемски час. Министерката за образование и наука Дескоска на новите студенти преку соопштение им посака успешна академска година.

Универзитетите ги отворија вратите за новата генерација студенти. На првиот академски час највозбудени бруцошите. Велат- за струката за која се определиле очекувања се безгранични. Свесни се дека претстојат сериозни задачи и предизвици, но академското чувство сепак е неспорно.

Добивањето препознатлив индекс на најстариот државен универзитет е почетна позиција на вашите идни професионални успеси, им порача ректорот Јанкуловски, на првиот академски час на правниот факултет „Јустинијан Први“, дополнувајќи- да се припаѓа на УКИМ е чест, но и обврска, затоа што знаењето, науката и квалитетот се негуваат од самото основање.

Како новина во академската година, во рамките на програмата „Еразмус плус“, универзитетот почнува со студентска практика, со што на студентите им се овозможува стажирање во компании низ земјите на Унијата. Деканот на Правниот факултет, Коевски оцени- високото образование генерално се соочува со брзи и драматични предизвици на национално и на глобално ниво.

„Бидете гласни, искажете го вашето мислење без страв, бидејќи вие сте корективот на општествените политики, вие сте симболот на слободата и на прогресивниот дух и иднината на Македонија“- преку писмено соопштение министерката за образование, Треневска- Дескоска им посака успешна академска година на бруцошите, на сите студенти и професори во високото образование.

Со позитивна енергија и желба за стекнување нови знаења студентите ги наполнија универзитетите во земјава. Нека е среќна и успешна новата академска година.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска