Тргна првиот камион со македонски производи за рускиот пазар
Од извозниот терминал тргна првиот камион со македонски производи наменети за пазарот на Руската федерација. Четири наши компании испраќаат 20-ина тони прехранбени производи. Пратката е наменета за Македонскиот трговски дом во Москва преку кој производите ќе бидат дистрибуирани до руските трговски синџири.

Дваесеттина тони прехранбени производи се првата пратка од македонските производители за пазарот на Руската Федерација, која што ќе биде дистрибуирана преку Македонскиот трговски дом од Москва. Повеќемесечниот процес на промоција, сертифицирање и добивање на сите потребни увозни дозволи е завршен, со што широко се отвораат вратите за помасовен извоз на квалитетни македонски производи на огромниот руски пазар.
„Камионот е прв од низата кои ги имаме најавено, со производи кои ќе бидат и се веќе продадени на рускиот пазар“, изјави Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско- руската стопанска комора.
Во првата испорака се вклучени производи на четири македонски компании, во која има: кроасани, бисквити и други кондиторски производи, конзервирани производи од т.н. кисел програм, ајвар и вода.
„Сертификацијата на производите од нашето портфолио помина во одличен ред, квалитетот на нашите производи е исклучително високо оценет, во однос на конкуренцијата од истиот тип на производи“, изјави Никола Јовановски, претставник на „Грандекспорт“.
„Секако се надеваме на подолгорочна соработка, првенстено успешна со Македонскиот трговски дом, компанијата која е наш увозник и лице на сите компании изложени таму“, вели Благоја Цветковски, претставник на „Свислион“.
Првите испораки се резултат на заедничкиот настап на 13 наши фирми, активностите на Македонско- руската стопанска комора и нејзината компанија „Македонски трговски дом“ лоцирана во Москва, преку која се увезуваат нашите производи, а преку деловниот центар „Фуд сити“ се дистрибуираат до руските потрошувачи. Најголем интерес се очекува за нашите вина, сирењата, кашкавалот, конзервираните производи, кондиторијата, свежиот зеленчук и овошјето.
Трговската размена меѓу Македонија и Руската Федерација за првите седум месеци од годината достигна безмалку 133 милиони долари. Нашиот извоз бележи раст од 14%, додека увозот е зголемен за дури 52 насто.
Свето Николовски
