Терористички напад во метро во Лондон
Повеќе патници се здобиле со изгореници на лицето. Експлозијата се случила околу 8 часот и 15 минути по локално време кога воз влегувал на станицата. Полицијата потврдила дека експлозијата ја предизвикала бомба, односно импровизирана експлозивна направа, а инцидентот го прогласи за терористички чин.

Силна експлозија рано изутрината оддекна во метро станицата „Парсонс грин“ при што биле повредени најмалку 18 патници, вклучувајќи и едно десетгодишно дете. Според британските медиуми, експлодирал контејнер во момент кога на метро станицата имало голем број луѓе, што предизвикало општа паника. Повеќе патници се здобиле со изгореници на лицето. Експлозијата се случила околу 8 часот и 15 минути по локално време кога воз влегувал на станицата. Полицијата потврдила дека експлозијата ја предизвикала бомба, односно импровизирана експлозивна направа, а инцидентот го прогласи за терористички чин.
„Во истрагата ни помагаат колегите од известувачката служба МИ5. Сакам да потенцирам дека луѓето може да очекуваат зголемено полициско присуство на улиците, и ги замолувам сите оние со каква било информација да се јават“, изјави Марк Роули, заменик комесар на Метрополитан полиција.
Очевидци изјавиле дека по експлозијата дошло до вистинско стампедо додека луѓето се обидувале да избегаат од местото на настанот.
„Бев во средината на возот. Се сеќавам дека седев долу и видов како голем број луѓе трчаат кон мене од задниот дел, а не знаев зошто. За среќа бев близу излезот и успеав да излезам“- вели очевидец на нападот.
Службата за јавен ред го прекинала сообраќајот на линијата на метрото која минува преку станицата „Парсонс грин“. За попладнето е закажан состанок на комитетот за итни делувања кој ќе го води премиерката Тереза Меј. Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон рече дека е многу важно во овој момент да не се изнесуваат какви било шпекулации, и дека сите би требало да бидат мирни и да продолжат да ги водат животите на нормален начин.
Британски „Скај њуз“ повикувајќи се на свои извори пишува дека направата што го предизвикала инцидентот не била активирана во целост и дека немало детонација. Дел од сведоците го поткрепиле тоа тврдење изјавувајќи дека виделе пламен во еден вагон, но дека не слушнале експлозија. Безбедносните власти соопштија дека бил пронајден тајмер на експлозивната направа, поради што се претпоставува дека напаѓачите планирале напад од поголеми размери.
По нападот, американскиот претседател Трамп изјави дека интернетот треба да биде „отсечен“, со цел да се спречат идни терористички напади.
Марина Ристова
