СЈО го објави четвртиот шестмесечен извештај за својата работа
Во текот на извештајниот период отворени се вкупно 7 нови истражни постапки против вкупно 25 физички и превземени се истражни дејствија спрема 4 правни лица.

Специјалното јавно обвинителство денеска го објави четвртиот шестмесечен извештај за неговата работа. Во него се вели дека се поднесени вкупно 18 обвиненија за 19 предмети против 120 лица за 168 кривични дела. Во текот на извештајниот период отворени се вкупно 7 нови истражни постапки против вкупно 25 физички и превземени се истражни дејствија спрема 4 правни лица.
„Несомнено дека поднесувањето на овие обвиненија претставува само еден чекор поблиску до исполнување на мандатот кој му е доделен на Специјалното јавно обвинителство во интерес на граѓаните на Република Македонија. Јас и мојот тим сме цврсто убедени дека во соодветна судска постапка ќе докажеме дека обвинетите ги имаат сторено кривичните дела кои им се ставаат на товар со поднесените обвиненија“, вели специјалната обвинителка Катица Јанева.
Се надева дека во претстојниот период ќе се изнајде соодветно законско решение со кое ќе се регулира правната положба на Специјалното јавно обвинителство.
