Шеќеринска- Каракачанов: Поддршка за членство на Македонија во НАТО
Официјална Софија нема проблем со името на земјата, изјави министерот за одбрана Красимир Каракачанов. На средбата со министерката за одбрана Радмила Шеќеринска договорена заедничка соработка за операционализација на договорот меѓу двете држави. Ова е прва средба на двајца министри откако премиерите Заев и Борисов го потпишаа договорот за добрососедство...

„Бугарија го поддржува државното единство и територијалниот интегритет на Република Македонија. Ние немаме проблеми со името. Го подржуваме членството на Република Македонија во НАТО“, вели министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов. Беше дециден- меѓу Бугарија и Македонија никогаш немало злонамерна и заткулисна политика.
„Изрично сакам да потенцирам со цел да ги прекинам политичките шпекулации - ги поддржуваме дрважното единство и територијалниот интегритет на Република Македонија. Немаме проблем со името на РМ, ја признаваме земјата под уставно име. Подготвени сме да помогнеме во решавање на спорот со други земји со цел конечно да се отворат вратите на Македонија за полноправно членство во НАТО“, изјави бугарскиот министер за одбрана, Каракачанов.
Министрите Каракачанов и Шеќеринска договориле продлабочување на соработката во областа на одбраната низ конкретни иницијативи и спроведување на планот на соработка договорен на експертско ниво. Се согласиле дека стабилноста во регионот зависи од добрососедските односи. Македонија и Бугарија се свесни за тоа, зашто само преку добрососедство, нашиот регион може да оди напред, вели Шеќеринска.
„Само преку развивање на добрососедски односи можеме да ја гарантираме нашата заедничка безбедност и напредокот на нашите две држави. Во изминатиов период два ескпертски тима работеа сериозно на изработка на еден работен план на наша поблиска соработка и партнерство во делот на одбраната. Денеска како министри можевме да дадеме зелено светло таквиот план за соработка да продолжи“, изјави министерката за одбрана, Шеќеринска.
Соработката на единиците за специјални намени ќе резултира со заедничка воена вежба в година. Се разгледале и можностите за школување на наши питомци на военообразовните установи во Бугарија и специјалистичка воено-медицинска обука на персонал од АРМ во воено-поморската академија „Никола Вапцаров“ во Варна. Полигонот Криволак пак, е отворен за вежбовни активности на двете армии.
Наташа Гркова- Петрушевска
