Евроинтеграции: Трета средба Македонија- Црна Гора

18.09.2017 15:41

Македонија се враќа на патот на реформи потребни за интеграција во Европската унија, при што ќе соработува со другите држави од регионот аспиранти за прием во Унијата. Македонскиот и црногорскиот министер за евроинтеграции во Скопје на третата по ред консултативна средба, разменија искуства за реформите и користењето на европските фондови.

Македонија и Црна Гора со размена на искуства ќе соработуваат на побрза интеграција во Европската унија, заклучија македонскиот и црногорскиот министер за евроинтеграции на третата редовна средба во Скопје. Двете држави ќе ја зголемат регионалната соработка особено за користење на европските фондови за развој.

„Покрај придобивката од размената на меѓусебните икуства, ќе ги отвориме и темите за пошироката регионална соработка, особено во контекст на европские фондови, но и останатите иницијативи како Берлинскиот процес, иницијативите за економска заедница и соработка меѓу земјите од Западен Балкан“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за евроинтеграции.

„Се разбира денеска на овој одбор и на билатералните состаноци во Владата и во Собранието, ќе разговараме како политички можеме да се поддржуваме едни со други. Црна Гора пред три месеци стана членка на НАТО- и во тој контектс политичка поддршка покрај онаа за ЕУ. Тука сме со вас за побрзо да станете членка на Алијансата“, изјави црногорскиот министер за европски прашања, Александар Андреја Пејовиќ.

Црногорскиот министер за евроинтеграција ги пренел искуствата од досега отворените поглавја од преговорите со ЕУ. Македонија се надева дека до крајот на годинава, Унијата ќе испрати силна порака за започнување на преговори со Македонија, за што како што истакна црногорскиот министер ќе има целосна поддршка и од Црна Гора.

 

Ирина Гелевска