Инспектори да ја контролираат работата на туристичките водичи

18.09.2017 16:01

Републички инспектори да ја контролираат работата на туристичките водичи, бара Здружението. Сметаат дека лоша слика се создава и за земјава поради луѓето кои ја работат оваа работа, а немаат лиценца. Забележуваат и што во земјава слободно влегуваат странски водичи.

Законски да се регулира работата на туристичките водичи, да се воведат лиценци, а работата да ја контролираат републички инспектори, бара Здружението. Не се мали проблемите, велат оттаму, најчесто презентациите се реализираат на англиски јазик, помалку на турски, француски и италијански, а само двајца го познаваат холандскиот јазик од каде што во земјава доаѓаат најмногу туристи. Се презентира различна историја, се работи и на диво.

Во земјава се регистрирани 760 туристички водичи, активно работат 360. Цените се движат од 50 до 70 евра. Од Здружението на туристички водичи забележуваат што во земјава е слободен влезот на странски туристички водичи. Во другите земји задолжително се ангажира домашен водич.

Според туристичките работници, изминатата туристичка сезона била успешна, но загрижувачки бил падот на бројот на домашни туристи. Според статистиката во седумте месеци од годинава во Македонија имало 525.716 туристи или за 14,2 процента повеќе во однос на истиот период лани.

 

Дијана Ценевска