Опозицијата и власта со различни ставови за зголемувањето на минималецот
Опозицијата вели дека нема да го опструира зголемувањето, но смета дека нема предвидено доволно пари во ребалансниот буџет за оваа намена. Власта со потсетување дека ваков предлог понудила пред две години, но тогашната владејачка коалиција не го прифатила, а сега ќе го поддржи за предизборни цели.

Ова е крајно популистичко законско решение со што се прекршува членот 8-а од Законот за избори, според кој од денот на распишување на изборите не смее да се исплаќаат плати и пензии кои не се редовни месечни исплати, смета опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предлог - законот за зголемување на минималната плата. Пратеникот Драган Цуклев смета дека ќе настанат проблеми поради обврската, работодавците во рок од 30 дена да донесат правилник за нормиран учинок што ќе ги погоди работниците, проблематични се и критериумите, а не биле предвидени ниту доволно пари во државната каса за субвенции на зголемениот минималец.
„Треба над 7 милиони евра меѓутоа тие пари во ребалансираниот буџет предложен од министерто Тевдовски ги нема. Во буџетот беа предвидени 4, 5 милиони евра, односно 1, 5 милион месечно. Од каде ќе ги најдете парите ако ги нема во буџетот за исплата на тие субвенции. Јасно е дека уште во првите 3 месеци ќе има 40% кратење на субвенциите, најмалку 40 насто од вкупните вработени што земаат плата под 12 илјади денари и натаму нема да земаат“, изјави Драган Цуклев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Овој закон не е предизборен маркетинг, возврати Власта, прашувајќи ја опозицијата зошто во комисиската расправа преку амандмани не понудила подобрување на текстот на предлог - законот.
„На 13 септември 2015 година, ние тогаш како опозиција, поднесовме предлог закон за минимална плата и тој истиот вие го одбивте со смешно образложение, дека ако тој закон се донесе 30 илјади работници ќе останат без работа. Е како тоа денеска го поддржувате овој закон, како тоа денеска тие 30 илјади или 50 илјади нема да останат без работа“, рече Васко Ковачевски, пратеник на СДСМ.
Во почетокот на денешната сесија опозицијата понуди владејачката СДСМ да поддржи еден од нивните два предлог- закона, за зголемување на платите за 5% или законот за вредносни ваучери, а за возврат ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи нивните предлози, што власта не го прифати, повикувајќи на почитување на договорот меѓу координаторите.
Свето Николовски
