Од октомври 2018-та ќе се вози по автопатот Миладиновци- Штип
Дополнителниот рок е по барање на изведувачот, нема да има финансиски импликации по буџетот- тврди министерот Сугаревски. Низ владиниот филтер минал анексот на договорот, законските корекции се пред пратениците.

До октомври следната година ќе финализира изградбата на автопатот Миладиновци- Штип. Досега се завршени 75 проценти. Градежните работи се континуирани, застои има поради проблеми со експропријацијата на земјиштето, оценија надлежните по увидот на терен. Дополнителниот рок е по барање на изведувачот, нема да има финансиски импликации по буџетот- тврди министерот Сугаревски. Низ владиниот филтер минал анексот на договорот, законските корекции се пред пратениците.
„Во најбрз можен рок на седницата што ке биде итна, на која се измените во законот ке се разгледаат по итна постапка, во текот на оваа недела да биде донесен, сѐ со цел да продолжиме со интензивирање на работите врз оваа автопатска делница и да го испочитуваме дадениот рок 30 ти септември наредната година“, вели Горан Сугаревски, министер за транспорт и врски.
Автопатот Миладиновци- Штип требаше да биде готов до мај. Како причина за пролонгирање и намален интензитет на градба, од владата ги посочуваат недостатоците што се појавиле во текот на изградбата, дислокацијата на електричните столбови, експропријацијата, свлечишта.
„Ви гарантираме дека сѐ ќе продолжи во загарантиран временски рок, за да може интензитетот да оди како што треба“- посочува Зоран Китанов, директор на ЈП Македонија пат.
Тврдат, на терен се 600 работници, застој нема.
„Нема буџетски импликации поради пропусти, роковите се одложени поради пречки на терен“, вели Томислав Ковачовски, главен надзор.
Надлежните тврдат дека во фаза на решавање се сите детектирани проблеми во изградбата на автопатиштата во земјава. Пред народните избраници е и делницата Кичево Охрид за кој по првичната анализа Министерството за транспорт излезе со став дека поради лошо планирање, изведба и појава на свлечиште ќе има дополнителен трошок од 120 милиони евра.
Сузана Фиданска- Стоевска
