Ураган

„Марија“ се движи по траекторијата на „Ирма“, засега нема жртви и повредени

19.09.2017 12:42

Засега нема жртви и повредени во ураганот „Марија“ на карибите. На Доминика е предизвикана огромна материјална штета. Властите бараат помош од меѓународната заедница. Поддршка стигна од Британија и од САД. Прогнозите се песимистички. „Марија“ се движи по истата траекторија на разорната „Ирма“ која усмрти 80 луѓе.

Ураганот „Марија“, кој премина во петта категорија, предизвика огромна материјална штета на островот Доминика. Премиерот на карипската држава Рузвелт Скерит побара помош од меѓународната заедница. Неговиот дом е поплавен и без покрив. На Фејсбук напиша: „Ветрот е безмилосен. Ќе преживееме само со милоста божја. Сигурно никој не спие во Доминика“. Нема потврдени информации за жртви или повредени. Пристаништата и аеродромите се затворени, а граѓаните на крајбрежјето добија наредба да се префрлат во засолништа. Американскиот национален центар за урагани предупреди дека поројните дождови може да предизвикаат свлечишта и поплави.

На островот Мартиник е издадено црвено предупредување. Во Гвадалупе се спроведува евакуација. Во опасност од урагани и тропски бури се и Девствените Острови, Антигва, Барбуда и француско-холандскиот остров Свети Мартин.

„Лошо е. Шест пациенти останаа во ресторан зашто не можевме да ги однесеме во болница. Слично е со Катрина. Ако не и полошо.“

„Ужасно е. Не остана ни лист. Секое дрво е скршено. Згради, куќи, канцеларии. Уништено е се.“

„Имаме рај, и видете низ што поминуваме. Не ни е прв пат.“

„Очајно сакам да останам овде, се обидувам да го сочувам трпението.“

Британската влада испрати уште еден армиски тим кој ќе им се придружи на веќе распоредените 1300 војници. И Соединетите Американски Држави го зголемија присуството во погодените области на прекуморските територии.

Ураганот „Марија“ се движи речиси по истата траекторија на разорната „Ирма“ која го опсутоши архипелагот и усмрти 80 луѓе.

Маја Филдишев