Собрание: Изгласан Законот за стечајците

19.09.2017 16:14

Во Собранието изгласан законот за стечајците погодени од приватизацијата на претпријатија во државна сопственост. И ВМРО-ДПМНЕ порача- ќе го поддржиме овој закон кој е во интерес на граѓаните.

Пратениците го изгласаа законот за стечајците. Не станува збор за популизам, туку за исправање на неправда нанесена врз една категорија граѓани, рекоа во расправата од парламентарното мнозинство. Опозицијата пак, го поддржа законот, но посочи дека има недоследности и со него повторно дел од стечајците нема да бидат опфатени.

Со овој закон околу 3.000 лица ќе добиваат месечен надомест од 7.596 денари. Годишно, за таа намена од буџетот на Агенцијата за вработување ќе бидат обезбедени 300 милиони 816 илјади денари. Невработените лица опфатени со законот треба да имаат најмалку 15 години стаж во претпријатија со доминантна сопственост на државата, а работниот однос да им престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30-ти јуни годинава.

На денот на стапување во сила на Законот да се на возраст од најмалку 52 години за жени и 55 за мажи. Лицата треба да имаат остварено право на паричен надомест по 1-ви јануари 1995 година, а по остварувањето на правото на паричен надомест да не биле вработени на неопределено време, односно работниот однос да не им престанал по нивна волја и вина.

Донесувањето на Законот го поздрави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Вели, се скрати од комодитетот на власта и од непродуктивните трошоци на Владата и со тоа се насочија повеќе средства за решавање на проблемот на стечајците во државава. Најави исплатата од наредниот месец.

 

Наташа Гркова- Петрушевска