Ќе се зголемува ефикасноста на јавните трошоци

19.09.2017 15:39

Македонија нема потреба од стенд бај аранжман со Меѓународниот монетарен фонд- Владата ќе се држи до програмата за работа и тоа се рамките во кои ќе се движи, вели министерот за финансии Тевдовски. Владата апсолутно не размислува за зголемување на возраста на пензионирање за препораката за зголемување на старосната граница...

Македонија нема потреба од стенд бај аранжман со Меѓународниот монетарен фонд. Владата ќе работи според програмата за работа и тоа се рамките- вели министерот за финансии Тевдовски. Додава дека Владата не размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање по забелешките на ММФ. За потфрлањето на наплатата на ДДВ, вели дека добро е што податоците покажуваат дека во јуни, јули и август има подобрување, со што проектираниот буџетски дефицит и покрај реализацијата на приходите и на расходите,  се очекува да биде остварен.

„Промените во оваа стратегија се дизајнирани според најдобрите стандарди и практики. Ќе не донесат поблиску до системот на ЕУ. Со ММФ имавме исклучително позитивна соработка. Нивните тимови работеа со тимовите на Министерството за финансии повеќе од две недели“, изјави Драган Тевдовски, министер за финанасии.

Не се исклучува примена на дел од препoраките на Меѓународниот монетарен фонд, меѓу нив и таа за зголемување на ефикасноста во јавните трошења.

„Менаџирањето на јавните трошоци се базира на два крупни принципа- кредибилност  и транспарентност. Тоа се принципи кои го насочуваат извештајот што беше презентиран минатата недела во контекст на подршката на еврионтеграцијата на Македонија“, изјави Дејвид Кулен.

Од идниот месец треба да почне примената на Законот за минимална плата. Според надлежните, нормирањето треба да биде строго утврдено, да не биде оставено на работодавачите и да биде злоупотребено. Да биде остварливо за мнозинството работници.

 

Дијана Ценевска