Околу 250 лица загинаа во силниот земјотрес во Мексико
Околу 250 лица загинаа во синоќешниот земјотрес со интензитет од 7,1 степен според Рихтер, што го погоди централниот дел на Мексико. Се стравува дека под урнатите згради има уште затрупани луѓе, поради што конечниот биланс на жртвите би можел да биде поголем. Еруптираше и вулканот Попокатепетл. Беа откажани сите летови на меѓународниот аеродром во Мексико Сити.

Историјата се повторува. Стотици жртви и повредени во земјотресот од 7,1 Рихтер кој погоди неколку мексикански држави на годишнината од катастрофалниот потрес од 1985 година во кој настрадаа 10 илјади луѓе.
Најголем број загинати има во државата Морелос. Спасувачките екипи трагаат низ урнатините по исчезнати лица. Уништени се десетици објекти, вклучувајќи училиште, фабрика, станбени блокови и супермаркет. Без струја останаа над 3 милиони домаќинства.
„Властите ни рекоа да одиме во центрите и болниците за да провериме дали имаме некој познат таму. Моето семејство ја послуша наредбата, но не успеа да најде некој близок.“
„Моите деца учат овде. Кога ја видов зградата, почнав да паничам, трчав, ги барав децата. Цел ден сум со екипите. Досега спасија неколкумина.“
„Ова е поддршка од заедницата. Собравме вода, храна, лекови. Зградата се урна, а има уште неколку уништени објекти.“
Според Американскиот геолошки институт, епицентарот на силниот земјотрес бил во државата Пуебло на длабочина од 51 километар. Се активираше и вулканот Попокатепетел, кој се наоѓа во близина на главниот град Мексико Сити. Прогласено е „црвено ниво“ на тревога.
Ова е втор силен земјотрес месецов во Мекиско. На 7-ми септември, во потресот од 8,1 Рихтер загинаа 98 лица, а над 300 беа повредени.
Маја Филдишев
