Владата го усвои Предлог- законот за амнестија, текстот на увид на експертската јавност
На вчерашната седница Владата го усвои Предлог- законот за амнестија. Ќе оди во редовна постапка. Нема да важи за осудените на доживотен затвор и за тешки кривични дела, вели владиниот гласноговорник. Текстот на Предлог-законот 20 дена ќе биде на увид на експертската јавност...

Се исцртуваат контурите на Законот за амнестија. Владата предлага целосно да бидат ослободени сите лица кои издржуваат затворска казна до 6 месеци, а на осудениците до 5 години, казната ќе им се намали за 30%, појасни владиниот портпарол Бошњаковски.
Владиниот гласноговорник рече дека амнестија нема да има за лица осудени на доживотен затвор, за оние кои се барани со потерница и за тешки кривични дела. Предлог- законот за амнестија ќе биде ставен на јавен увид, дебатата со експертската јавност ќе трае 20 дена, а потоа ќе влезе во собраниска процедура по редовна постапка.
Според Владата, фактор за донесување на Законот за амнестија е преоптовареноста на затворите, нехуманите услови, потребите од севкупни реформи во правосудниот систем како и подобрување на ресоцијализација на затворениците.
Од ВМРО-ДПМНЕ со став- мавтањето со предлог- закон за амнестија кон прекршителите на законот, сторители на кривични дела не е ништо друго туку изборна корупција и кокетирање со затворениците. Како што велат од партијата, владата на СДС работи со манипулации, создавање хаос и демонстрирање на бандитизам кој станува нивна главна одлука. Ова граѓаните ќе го казнат на 15-ти октомври, стои во реакцијата.
Викторија Милевска
