Национален совет за евроинтеграции: Потребно е единство за клучните реформи

20.09.2017 14:53

Отворањето на преговорите за членство во ЕУ е цел на сите партии и треба да се икористи агендата за побрз напредок за да се премости поларизацијата во општеството, смета евроамбасадорот Жбогар. Според претседателот на Советот за евроинтеграции Попоски, сѐ што треба да се прави мора да тргнува од база на поширок национален конзенсус. Условената препорака за старт на пристапните преговори мора да стане неусловена, вели вицепремиерот за евроинтеграции Османи.

Поширок консензус при подготовката на законските проекти со активно учество и на опозицијата е главниот заклучок од дебатата во Националниот совет за евроинтеграции. Тема на дискусијата беше реализијата на владиниот План 3-6-9 и потребата да се постигне единство околу спроведувањето на клучните реформски зафати.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа пред донесување на законите да се отвори консултации со опозицијата, а потоа на јавна расправа за законите да дебатираат претставници од стручната и научната јавност, како и од граѓанскиот сектор.

Вицепремиерот Бујар Османи посочи дека е неопходно да се обезбеди поширока национална прифатеност на сите реформи, особено во областа на правосудниот ситем и безбедносниот сектор. Според него, најважно е локалните избори да поминат во фер и демократска атмосфера, со цел најпрово да се тргне условена препорака за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Од делегацијата на ЕУ во Скопје потенцираа дека отворена е вратата за полноправното членство на земјите- кандидати. Сепак, како што посочи Самуел Жбогар, шеф на европската делегација во земјава, потребно е Владата да ѝ подаде рака на опозицијата, а таа од друга страна да не ги блокира реформите, со цел земјава да ги исполни препораките од извштаите на Европската комисија.

Ова беше првата седница на Националниот совет за евроинтеграции во новиот парламентарен состав. Беа начелно разгледани и насоките на планот на активности за последното тримесечие од годината.

 

Игор Панов