Шпанската полиција уапси 13 лица поврзани со референдумот во Каталонија
Во пресрет на референдумот за независност на Каталонија закажан за 1-ви октомври, полицијата вршеше претреси во регионалните институции запленувајќи ги изборниот материјал, кутиите, изборните плакати.

Демократија, слободна каталонија, осамна изутринава во повиците на демонстрантите собрани пред економското седиште на регионалната влада во Барселона. Причината за собирот е крајно недемократска акција на централната власт. Цивилната одбрана, вооружена и во надлежност на Министерство за внатрешни во Мадрид упадна во утринските часови и го уапси регионалниот министер за економија Хозеп Марија Хове и влезе во одделенијата за надворешни и за социјална работа, апсејќи уште 12-мина локални функционери. Некои од нив се и градоначалници кои го поддржаа референдумот за независна Каталонија, што предизвика серија протести.
„Дојде времето. Отпорот мора да биде мирен, излеговме да ги браниме нашите институции на ненасилен начин“, напиша на социјалната мрежа, претседателот на регионалното собрание Санчез.
Во пресрет на референдумот за независност на Каталонија закажан за 1-ви октомври, полицијата вршеше претреси во регионалните институции запленувајќи ги изборниот материјал, кутиите, изборните плакати. Не беа поштедени ниту компаниите кои го транспортираа материјалот.
И на локално ниво се вжештуваат политичките конфронтации откако официјален Мадрид отворено им се закани на околу 700 градоначалници во Каталонија.
„Сакаат да не исплашат, го прават тоа преку државниот апарат, но ние ќе го следиме нашиот пат. Оној што го почнавме пред долго време. Нема да не запрат“, вели Салви Гајел, градоначалник на Кастеља Да Ампурија.
Социјалистите загрижени за иднината на земјата.
„Ние сме горди што нашите градоначалници и советници не подлегнаа на навредите за да ја одбранат законитоста на заедничкото живеење и политичкото решение“, изјави Педро Санчез, лидер на Социјалистичката партија.
И во Мадрид политичката состојба не е за потценување. Во Собранието опозициската партија на левиот центар заедно со левичарите на Подемос во тесна разлика го одбија предлогот на шпанската влада за силен и недвосмислен одговор на референдумот. Сепаратистичките партии за денеска прогласија и мораториум на нивната работа во законодавниот дом.
Наспроти нив, владејачката десница ја поддржа полициската акција во Барселона. За нив владата во Каталонија го избегнува спроведувањето на законот. Гласноговорникот на народната партија изјави: „Владеењето на законот е посилно отколку да се биде надвор од него“.
Сепак, Каталонија не се откажува од плебисцитот, на 1-ви октомври ќе се знае одговорот дали богатата провинција ќе и каже адиос на Шпанија? Многумина се прашуваат и дали бунтовната Баскија е следниот предизвик за долговековното кралство.
Зоран Богатинов
