Заев- Хан: Демократските процеси и реформи во Македонија важни за перспективите на целиот регион

21.09.2017 12:30

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Њујорк се сретна со комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан...

„Продолжете да работите демократски на започнатите реформи. Тоа што ќе го постигнете е важно за песпективите на вашата држава и за целиот регион“- порачал еврокомесарот Јоханес Хан на средбата со премиерот Зоран Заев во Њујорк.

Како што соопшти владината прес-служба, Хан ги оценил иницијативите на Владата на Македонија за добрососедство и регионална соработка како корисни во процесот на интегрирање на целиот Западен Балкан во евро-атлантските интеграции.

Премиерот Заев нагласил дека Владата на Република Македонија е активно фокусирана на реализација на реформскиот План 3-6-9 и на потребните активности за остварување на стратешките евро-атлантски цели на државата.

„Ја заокружуваме првата фаза според предвидениот рок, до крајот на септември. Го имаме Извештајот на експертот од ЕУ, Прибе и неговите сугестии ќе бидат земени предвид во вториот дел од Планот на којшто веќе работиме. Нашата цел е да создадеме услови за квалитетен живот на граѓаните на Македонија и за евро-атлантските интеграции“, рече премиерот Заев.

Премиерот нагласил дека Владата очекува исчекор во европските интеграции на есен, преку тргање на условеноста на препораката, а потоа и датум за преговори, додавајќи дека ги  исполнуваме и потребните услови за интеграцијата во НАТО.

На средбата се разговарало и за отворените можности за напредок на Македонија на економски план, преку зголемениот интерес на домашните и странските инвеститори и придонесот што ќе имаат отворени евро-атлантски перспективи за економскиот развој на Република Македонија.