Врие во Шпанија, илјадници Каталонци на улица
Илјадници поборници за независноста на Каталонија во текот на ноќта останаа на улиците на Барселона и го блокираа пристапот до зградата на потпретседателството како и одделот за економија.

Сепаратистите во Каталонија повикуваат на „мобилизација“ откако шпанската влада приведе 14 службеници на регионалната влада поради плановите за спроведување на референдумот за независност и покрај одлуката на централната власт. Илјадници поборници за независноста на Каталонија во текот на ноќта останаа на улиците на Барселона и го блокираа пристапот до зградата на потпретседателството како и одделот за економија.
Шпанскиот премиер Маријано Рахој им порача на демонстрантите еднаш за секогаш да престанат со ескалација на радикализмот и дека сѐ уште не е доцна да се избегнат поголеми проблеми.
„Операцијата за апсење беше спроведена по одлука од судија. Секоја демократска личност мора да ја почитува волјата и моќта на државата“, рече Рахој.
За време на неговиот говор, стотици демонстранти ја блокираа зградата на регионалното претставништво во Барселона со цел да ги затворат внатре полицајците кои вршеа рации.
Соопштено е и дека полицијата запленила нешто помалку од десет милиони гласачи ливчиња. Дел од медиумите оценуваат дека Мадрид и задал голем уар на организацијата за гласање.
Претседателот на Каталонија, Карлес Пучдемон претходно изјави дека Мадрид вовел де факто вонредна состојба во Каталонија и ја обвини владата на Маријано Рахој дека е „тоталитарна“ и дека ги крши „основните права“. Меѓудругото истакна дека референдумот ќе се одржи според планот.
Анкетите покажуваат дека каталонците се жестоко поделени по прашањето за независност, но дека сепак мнозинството сакаат референдумот да се одржи. 49, 4 насто Каталонци се против независност, додека пак 41, 1 процент се за независност.
Централните власти во Мадрид укажуваат дека Уставот не предвидува можност за отцепување и дека само централната влада има право да распишува референдуми.
Марина Автовска
