Пчеларство

Има побарувачка за мед, проблем е нелојалната конкуренција

21.09.2017 14:58

Денови на македонскиот мед. 20 производители до недела на улицата „Македонија“ ќе ги претстават своите производи, а купувачите ќе можат да ги купат по поволни цени. Годинава медот се продава за околу 400 денари. Производството, поради лошите временски услови е преполовено...

Има побарувачка за македонскиот мед- велат пчеларите, но се жалат на нелојална конкуренција. Предупредуваат дека се увезува мед кој е поевтин, но лош за здравјето на луѓето. Бараат овој продукт да се набавува од лиценцирани производители. Апелираат да се купува природен мед.

„Голем увоз на гликоза од Романија доаѓа со шлепери. Тој мед по маркетите се продава по 240 денари“, изјави Павле Бошковски, пчелар.

Пролетните мразови удрија по родот, можно е да се зголеми цената на медот.

„Тој што го конзумира редовно медот, цената нема да му претставува проблем. “, вели Марина Митревска, пчелар.

 Пчеларите побараа поголема поддршка од државата.

„Има побарувачка, цената е 400 денари на медот, прополисот е 70 денари, поленот е 100 денари“, изјави Александра Аврамовски, пчелар

Ресорниот министер Николовски изјави дека се подготвува петгодишна Национална програма за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Ќе биде опфатено и пчеларството. 

„Како министерство работиме на решавање на сите отворени прашања, како од нелојалната конкуренција, така и до финансиската поддршка. Исплативме над 2 милиони евра субвенции за пчелни семејства“, рече Љупчо Николовски, министер за земјоделство

Според податоците, во земјава има над 6.500 одгледувачи на пчели и околу 234 илјади пчелни семејства.

 

Дијана Ценевска