Лидерите на Западен Балкан на средба со Хан и Могерини
Позитивни се иницијативите на Владата за соработка со соседите, што е предуслов за интеграција на целиот Западен Балкан во ЕУ. Премиерот Заев во Њујорк го информирал еврокомесарот Хан за реформскиот План 3-6-9 и за остварувањето на стратегиските цели на Македонија. Заев и лидерите на Западен Балкан се сретнале и со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини...

„Продолжете да работите демократски на започнатите реформи. Тоа што ќе го постигнете е важно за песпективите на вашата држава и за целиот регион“- порака од еврокомесарот Јоханес Хан на средбата со премиерот Зоран Заев, на средбата во седиштето на Европската унија при Обединетите нации во Њујорк. Ги оценил владините иницијативи за добрососедство и регионална соработка како корисни во процесот на интегрирање на целиот Западен Балкан во евроатланските институции.
Како што информира владината прес- служа, премиерот Заев соопштил дека Владата е активно фокусирана на реализација на реформскиот План 3-6-9 и на потребните активности за остварување на стратешките евро-атлантски цели на државата.
„Ја заокружуваме првата фаза според предвидениот рок, до крајот на септември. Го имаме Извештајот на експертот од ЕУ, Прибе и неговите сугестии ќе бидат земени предвид во вториот дел од Планот на којшто веќе работиме. Нашата цел е да создадеме услови за квалитетен живот на граѓаните на Македонија и за евро-атлантските интеграции“, рекол македонскиот премиер. Изразил очекувања на есен да има исчекор во европските интеграции преку отстранување на условеноста на препораката, а потоа и датум за преговори.
По едночасовната средба со еврокомесарот Хан, премиерот Заев беше на прием што за лидерите од Западен Балкан во седиштето на Делегацијата на ЕУ при ОН, го организираше високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Могерини соопшти дека Брисел сака да ја потврди недвосмислената поддршка за проширување на Унијата со земјите од регионот. ЕУ продолжува со поддршката на сите партнери за остварување на реалните цели, за напредокот да биде неповратен до крајот на овој мандат на лидерите на Унијата, порача Могерини.
Лидерите од Западен Балкан, ги потврдиле напорите за реформите во делот на правдата, владеењето на правото, основните права, регионалната соработка и добрососедските односи.
Денеска премиерот Заев ќе има билатерална средба со премиерот на Белгија, Чарлс Мишел, а ќе присуствува и на приемот што во име на канцеларката Ангела Меркел, го приредува германскиот шеф на дипломатијата, Зигмар Габриел.
Утре премиерот Заев е на средба со Генералниот секретар на ОН, Гутереш, а потоа ќе следува неговото обраќање пред 72-то Генерално собрание.
Стојан Трпчевски, специјален известувач од Њујорк за МРТ
