Споровите од мала вредност да се решаваат во брза постапка

21.09.2017 16:14

Граѓаните и фирмите во брза постапка да ги решаваат споровите од мала вредност. Ќе заштедат, а ќе се растерети и судот. Ова е главната порака од извештајот на Светска банка. Работен е според европски искуства...

За земјите на Западен Балкан е карактеристичен релативно краткиот рок за застарување на побарувањата за неплатени комунални услуги од физички лица. Овие побарувања се и најмногубројни меѓу т.н. мали побарувања. Во БиХ, Хрватска, Македонија, Србија и во Словенија рокот за утужување е само една година од нивното доспевање.Во другите земји овој рок е три години, а во Летонија и Литванија рокот е дури 10 години. Честопати неплатените комунални сметки се сметаат за неспорни парични побарувања, односно должиците не ги оспоруваат обврските пред суд, се вели во извештајот за брзата постапка за решавање на споровите од мала вредност во 12 земји, изготвен од Светска банка, проект поддржан од Кралството Холандија.

„Не постои ниту едно домаќинство кое не добива барем една комунална сметка месечно. Затоа е многу важно да се има ефективен систем за извршување на наплатата. Ова е уште поважно за Македонија, со оглед на ревидираната стратегија за реформа на судството во која оваа област се идентификува како област за интервенција. Македонија долго време била лидер во правните реформи. Има релативно подолго искуство во регионот со јавни нотари и извршители, поради што се надевам дека овие извештаи ќе се искористат што поскоро за натамошни подобрувања“, вели Ваутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија во Македонија.

Во групата мали побарувања доминираат неплатените сметки за комунални услуги, проблем што е најизразен во Босна и херцеговина, но не е помалку значаен и за другите земји од регионот.

„Според мене, од критична важност е креирање ефикасен и доверлив систем базиран на ефективно владеење на правото. Со оглед на тоа, би сакал да ви ги претставам анализите. Ова е дел од партнерството, во кое, како што споменав, ние се обидуваме да направиме компаративен преглед во различни земји, во Европа и во Западниот Балкан. Да се обидеме да најдеме, не академски, туку практични решенија“, изјави Марко Мантованели, директор за Македонија во Светска банка.

Идејата не е да се преслика и промовира еден систем, вклучително и холандското искуство, туку да се обезбеди соодветна анализа за да се дизајнираат јавни политики од интерес за граѓаните, изјави амбасадорот Пломп.

Свето Николовски