„Акомпласт“ отвори погон за производство на автомобилски делови во Прилеп

21.09.2017 16:49

Во Прилеп е отворен нов погон на германската компанија „Акомпласт“. Во него ќе се произведуваат делови за автомобилската индустрија. Инвеститорот најави дека до идната година планира да се изгради уште еден објект...

Германската компанија „Акомпласт“ и официјално ја почна својата инвестиција во технолошко- развојната зона Алинци кај Прилеп. Преку компанијата- ќерка „Инџекшн Молдинг- Прилеп“ го почнува производството на пластично моделирани делови за автомобилската индустрија во Европа. Инвестицијата од 1,2 милиона евра до година ќе се прошири со нов погон.

Владата и понатаму ќе биде посветена на привлекување странски инвеститори. Во програмата што ја номинираше деновиве, посветена на поддршката на македонската економија, сите инвеститори ги нарекува македонски зашто се за развој на домашната економија, порача потпретседателот на владата Кочо Анѓушев.

Според податоците, Македонија е една од ретките земји со трговски суфицит со Германија. Односот е 2 : 1. Минатата година обемот на трговија помеѓу двете земји бил 2,8 милијарди евра, од кои Македонија извезла стоки во вредност од 2,1 милијарда евра.

Анѓушев денеска имаше средба со регионалните стопански комори од Прилеп и Битола.

 

Елизабета Митреска