Заев- Руте: Поддршка од Холандија за реформскиот процес и за евро-атлантските интеграции на Македонија

22.09.2017 10:53

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Њујорк се сретна со премиерот на Кралството Холандија, Марк Руте...

„Даваме целосна поддршка на реформскиот процес што го почна новата Влада на Република Македонија. Исто така, ги поздравуваме чекорите што ги презема државата кон градење добрососедски односи и регионална соработка“, изјавил холандскиот премиер, Марк Руте, на средбата со премиерот Заев.

Холандија останува силен поддржувач на Република Македонија во заложбите на нашата држава за постигнување на стратешките цели, Европската унија и НАТО, соопшти владината прес- служба.

Премиерот Заев објаснил дека новата Влада е сконцентрирана на активен реформски процес што треба да донесе квалитетен живот на граѓаните и да ги отвори перспективите на државата кон ЕУ и НАТО, таму каде што земјата припаѓа.

„Очекуваме, на есен да се тргне условеноста на препораката за членство на Македонија во ЕУ, а следен чекор да биде и датум за почеток на преговори. Рефоримите што ги спроведуваме, начините на коишто ги продлабочуваме добрососедските односи и градиме нови, цврсти пријателства со светот, придонесуваат и кон НАТО интеграциите и сметаме дека се реални начите очекувања Република Македонија да биде и 30.земја членка на НАТО“, нагласил премиерот Заев на средбата со холанскиот премиер Руте.