Серија билатерални средби на Димитров на 72-то Генерално собрание на ОН

22.09.2017 10:58

Агендата на министерот Димитров беше исполнета со билатерални средби во насока на запознавање на свои колеги од различни земји и разгледување на можностите за соработка, како и со дискусии поврзани со регионалната соработка во рамки на работниот ручек на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ), соопштуваат од МНР...

Во рамки на учеството на македонската делегација на неделата на отворање на Генералната дебата на 72-то Генерално собрание на Обединети нации во Њујорк, агендата на министерот за надворешни работи, Никола Димитров на 21 септември 2017 година, беше исполнета со билатерални средби во насока на запознавање на свои колеги од различни земји и разгледување на можностите за соработка, како и со дискусии поврзани со регионалната соработка во рамки на работниот ручек на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ), соопштуваат од МНР.

Димитров се сретна со премиерот на Султанатот Оман задолжен за надворешни работи, Јусуф бин Алави бин Абдула, при што беше изразена подготвеност за зголемување на билатералната соработка и развивање на договорната рамка, а беа разменети видувања и за состојбите во регионот на Југоисточна Европа, како и во регионот на Арапскиот залив.

Димитров оствари средба и со својот колега од Азербејџан, Елман Мамадјаров, на која беа упатени заемни покани за посети на министерско ниво, а беа дискутирани конкретни можности за развивање на соработката, пред сè на економски план во области поврзани со енергетика.

За време на работниот ручек организиран од страна на Белорусија како претседавач со ЦЕИ, Димитров имаше прилика да поразговара со министри за надворешни работи и со други високи претставници на земјите членки на иницијативата. Учесниците на ручекот ја потврдија важноста на регионалната соработка при имплементација на проекти од различен карактер, пред сè на планот за инфраструктурно поврзување, како и за справување со разновидни предизвици како случајот со мигрантската и бегалската криза.

Претставници на делегацијата од Министерството за надворешни работи на Република Македонија учествуваа и на годишниот состанок на неформалната министерска мрежа за Меѓународниот кривичен суд, каде уште еднаш беше искажана поддршка од македонска страна за овој значаен меѓународен чинител на планот на обезбедување на одговорност за извршители на најтешките кривични дела во светот.

Воедно, министерот Димитров во придружба на шефот на македонската делегација - премиерот Зоран Заев учествуваше и на билатералната средба со претседателот на 72-то Генерално собрание на ОН, Мирослав Лајчак.

Министерот Димитров во придружба на премиерот Заев присуствуваше и на приемот во организација на МНР на Германија, по повод германската кандидатура за членство во Совет на безбедност, каде имаа прилика да остварат разговори со повеќе високи владини претставници, меѓу кои и со германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел.