Проширување на истрагата за случајот „Транспортер 2“
Има основано сомневање за сторени две кривични дела- „несовесно работење во службата“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“, информираат од МВР. Четворица во својство на Членови на комисијата за јавни набавки при Општина Битола, не ја поништиле постапката за избор на најповолен понудувач...

Секторот за внатрешни работи- Битола, постапувајќи по наредба на Основното јавно обвинителство за предметот „Транспортер 2“, што се однесува на распишан тендер за избор на најповолен понудувач за превоз на ученици, поднесе посебен извештај против шест лица вработени во општина.
Има основано сомневање за сторени две кривични дела- „несовесно работење во службата“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“, информираат од МВР. Четворица во својство на Членови на комисијата за јавни набавки при Општина Битола, не ја поништиле постапката за избор на најповолен понудувач, иако во тендерската постапка констатирале дека понудените цени за превоз на ученици во учебната 2015-2016 се многу повисоки од реалните цени на пазарот.
Секретарот на Општина Битола, иако немал ингеренции врз работата на Комисијата за јавни набавки, потпишал согласност за склучување на договори, а градоначалникот на Битола, донел одлука за најповолни понудувачи по тендерот за превоз на ученици и потпишал штетни договори со две правни лица, превозници од Битола, велат од полицијата.
Со преземените дејствија пријавените ја оштетиле општината за над четири милиони денари, се вели во соопштението од МВР.
