Ким Јонг Ун: Ќе го скротам умоболниот американски сенилен старец со оган
Продолжува острата вербална реторика на релација Вашингтон- Пјонгјанг. Северна Кореја повторно се закани- можно е тестирање на хидрогенска бомба во Пацификот. Претседателот Јонг Ун со предупредување до Трамп- скапо ќе платите за заканите кон Северна Кореја...

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун изјави дека земјата ќе го разгледа највисокото ниво остри контрамерки во историјата против САД, како реакција на најновата закана од американскиот претседател Трамп дека целосно ќе ја уништи Северна Кореја.
Ким рече дека изјавите на Трамп ги смета за жестока објава на војна. Додаде и дека говорот на американскиот претседател во Обединетите нации е потврда дека нуклеарната програма на Пјонгјанг била вистинскиот пат.
Севернокорејскиот лидер рече дека како човек кој ја претставува демократската Народна Република Кореја, ќе стори се за човекот кој има својство на врховен командант на САД скапо да плати за својот говор.
„Дефинитивно ќе го скротам умоболниот американски сенилен старец со оган“, изјави Ким Јонг Ун.
Трамп на 19-ти септември во ОН изјави дека ако САД бидат принудени да се бранат, целосно ќе ја уништат Северна Кореја. Меѓудругото, го исмејуваше севернокорејскиот лидер нарекувајќи го „ракетар во самоубиствена мисија“.
Северна Кореја неодамна изведе шесто по ред нуклеарно тестирање и покрај осудата од меѓународната заедница. Министерот за надворешни работи на земјата Ри Јонг Хо на маргините на Генералното собрание на ОН изјави дека Пјонгјанг би можел да изведе тест на хидрогенска бомба на Тихи Океан.
Шефот на севернокорејската дипломатија изјави дека одговорот на трамп би можел да биде активирање на најсилната хидрогенска бомба на Пацификот, и додаде дека не се знае какви мерки може да бидат преземени бидејќи наредбата доаѓа директно од лидерот Ким Јонг Ун.
„Лично мислам дека треба да се спроведе тестирање на хидрогенска бомба од невидени размери“, рече Ро Јонг Хо, министер за надворешни работи на Северна Кореја.
Генералниот секретар на јапонската влада, Јошиде Суга рече дека забелешките и однесувањето на Пјонгјанг се апсолутно неприфатливи и дека претставуваат провокација за регионалната и за меѓународната безбедност.
Марина Автовска
