МПЦ во недела ќе го прогласи за светец Архимандритот Јоаникиј Ракотински
В недела со Литија по скопските улици, но и со богослужби, Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија, ќе го прогласи за светец Архимандритот Јоаникиј од Ракотинци. Неговите мошти ќе бидат положени во црквата „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје, кога ќе биде целосно изградена. Архимандритот живеел во почетокот од минатиот век...

Нов светол момент во постоењето на Македонската Православна Црква- Охридска Архиепископија. Викендов за светец ќе биде прогласен Архимандритот Јоаникиј Ракотински. Во сабота ќе се служи вечерна богослужба по што Архиепископот Г.Г. Стефан ќе раководи со парастосот за архимандритот. В недела, пак, од 9 часот утрината по скопските улици ќе се одржи литија по што моштите ќе бидат внесени во Соборниот храм. Прогласувањето за светец претставува исклучителен настан за Македонската Православна Црква и за нејзините верници.
„Настанот на којшто ќе бидеме сведоци се случува еднаш на 100, 200, па и повеќе години, и затоа е многу важен. На некој начин ја изразува живоста на нашата црква. Бог со неговата благодат дава светители и од нашиот простор. Тоа укажува на дуговниот континуитет на нашиот православен народ и на нашата црква. На некој начин е несоборлива потврда пред останатиот православен свет“, вели Отец Бобан Митевски.
Архимандритот Јоаникиј живеел на почетокот од 20 век, со билки ги лекувал болните, бил со народот, но забележани се и неговите чудотворни моќи за време на животот и по упокојувањето, велат од Скопската епархија на МПЦ.
Службата која ќе се одржи е специјално напишана од официјалниот химнограф на Цариградската Патријаршија. За 50 години откако е возобновена Охридската Архепископија во лицето на МПЦ, досега канонизирани се Пречистанските новомаченици, 40-те Битолски маченици, Кипријан Слепчански и Гаврил Светогорецот.
Миле Ристески
